Дневник / 22.03.2004
ПромоциЈа Спотот за песната "Лајф" со која Тоше Проески ќе не претставува на Евросонгот во Истанбул беше промовиран завчеравечер во хотелот "Александар палас" во присуство на голем број луѓе од медиумите и од јавниот живот. Видеозаписот претставува спој на макро и микро светот и, според зборовите на режисерот Дарко Митревски, е работен во манир на надреалното сликарство. Тој потсетува на сликата "Постојаност на времето" на Салвадор Дали и по малку наликува на Алиса во земјата на чудата. Главни ликови во спотот се Тоше, еден бел и десетина црни ангели. - Ние се обидовме да ја смениме стратегијата на настапот. Досегашните спотови на нашите евровизиски претставници беа поврзани со претставување на Македонија. Овојпат, радикално спротивно, на Евровизија ќе и го дадеме она што обично таа нам ни го нуди. Високо естетизиран дизајн и софистицирана надреална естетика. Се надеваме дека со ваквиот пристап ќе бидеме не само рамни со останатите учесници на Евровизија туку можеби за една педа подобри, вели Митревски. Екипа на МТВ, "Фајнл кат продакшн" и Тоше Проески вчера отпатуваа во Истанбул каде што ќе се состанат со претставниците на 36-те земји-учеснички на Евросонгот за меѓусебна размена на своите спотови. С.А.Н