А1 / 12.05.2004
Македонската мегаѕвезда Тоше Проески денеска со песната „Ангел си ти“ во Истанбул ќе се натпреварува за влез во финалето на фестивалот Евросонг 2004, за што покрај Република Македонија се натпреваруваат уште 21 земја. Во конкуренција за Евросонг 2004 се вкупно 36 земји, што е најголем број на учесници досега, а 14 земји, меѓу кои е и земјата-домаќин Турција, автоматски се квалификуваа во финалето кое ќе се одржи на 15 мај. На квалификациска вечер од 22 натпреварувачи ќе се изберат десет што ќе им се придружат на 14-те земји. Во трката за финалето се Тоше Проески и претставниците на Финска, Белорусија, Летонија, Израел, Андора, Португалија, Малта, Монако, Грција, Украина, Литванија, Швајцарија, Албанија, Кипар, Словенија, Естонија, Хрватска, Србија и Црна Гора, Босна и Херцеговина, Данска и Холандија. Како и во минатите евровизиски изданија, секое национално жири ќе гласа за десет песни со 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 10 и 12 поени. Четиринаесетте финалисти на Фестивалот се: Австрија, Исланд, Велика Британија, Полска, Романија, Белгија, Франција, Германија, Ирска, Шведска, Русија, Турција, Норвешка и Шпанија. Четириесет и деветтото издание на евровизискиот фестивал ќе се одржи во салата Абди Ипекџи, која собира околу девет илјади посетители. Песната Life, композиција и аранжман на Јован Јованов, беше избрана на националниот избор на песна за Евровизија, во македонска верзија со наслов „Ангел си ти“, меѓу осумте песни што ги испеа Проески. Сценската облека на Тоше и на петте придружни вокали за настапот во Истанбул ја изработи костимографот Александар Ношпал, кој за македонскиот натпреварувач направи креација од кожа во бела боја. Кореографијата на сценскиот настап на Тоше Проески е на Кренаре Невзати-Кери. Република Македонија од своето осамостојување досега трипати учествуваше на фестивалот Евросонг - во Бирмингем 1998, со настапот на Владо Јаневски, во Стокхолм 2000, со групата XXL и во Талин 2002 година, кога не претставуваше Каролина Гочева.