ТОШЕ проески ВЕЧЕР ПЕЕ НА ЕВРОВИЗИЈА
За десетте земји што ќе влезат во финалето на „Евросонг“ ќе решат гласовите на земјите-учеснички во полуфиналната и во финалната вечер Наш специјален известувач од Истанбул СОЊА АЛЕКСОСКА - НЕДЕЛКОВСКА
Тоше Проески со песната "Life" ќе настапи петнаесетти во полуфиналето на 49 издание на "Изборот на песна на Евровизија", што ќе се одржи вечерва во 21 часот во спортската сала "Абди Ипекчи" во Истанбул. Во финале ќе влезат само десет од вкупно 22 земји, кои ќе се претстават на полуфиналната вечер. Водители на "Евросонг" се актерите Мелтем Кумбул и Кортан Абај, кои на гледачите ќе им се обратат на француски и на англиски јазик. Директниот пренос од полуфиналната вечер ќе се емитува на МТВ во 21часот. Публиката во Истанбул можеше да ги чуе 22 полуфиналисти на двете генерални проби што се одржаа вчера, како и на денешната проба закажана за 15 часот. Тоше пред настапот рече дека не е оптоварен со пласманот. Најважно за него е да ја претстави Македонија во убаво светло. - Се чувствувам одлично. Немам трема. Напротив, релаксиран сум и самоуверен. Сконцентриран сум само на настапот и воопшто не сум оптоварен со мислата дали ќе влезам во финалето - изјави Проески. Тој беше гостин на Израелската вечер, што завчера беше директно пренесувана преку турската телевизија "Канал 9", но најавената гостинка Дана Интернешнл не дојде.Тоше ја отпеал евровизиската песна "Life". На импознатната сцена Тоше ќе настапи со пет придружни вокали. Ќе биде облечен во бел кожен комплет, креација на Александар Ношпал, а придружните вокали во црни кожени комбинации со бели апликации. Италијанската фирма "Балдинини", за тој настап му подари на Тоше осум чифта чевли. Според евровизиските интернет-страници и обложувалниците, фаворити во евровизиското полуфинале се Украина, Данска, Грција и Шведска. На тие листи високо котира и Македонија. За десетте земји што ќе влезат во финалето на "Изборот на песна на Евровизија" ќе решат гласовите на земјите-учеснички во полуфиналната и во финалната вечер, освен Полска, Русија и Франција, кои нема да гласаат бидејќи нема да вршат директен пренос на полуфиналната вечер. Гласањето ќе биде по пат на телевоутинг и ќе трае десет минути. Ќе се гласа преку мобилни, СМС-пораки и фиксни телефони, а повиците и пораките ќе чинат колку што е домашниот импулс. Секој може да гласа повеќепати на телефоните што ќе бидат објавени вечер, но нема да може да се гласа за својата земја. Гласањето нема да можат да го следат гледачите ниту учесниците. Увид во гласањето ќе имаат само претставниците на ЕБУ (Европска унија на радиодифузери). Имињата на земјите што ќе влезат во финалето ќе ги соопштат водителите на сцената откако ќе бидат сумирани резултатите. Каков ќе биде пласманот на земјите од првото до десеттото место ќе се дознае пред одржувањето на финалето в сабота, на 15 мај. На годинашниот "Евросонг", претставниците на Франција и на Монако ќе пеат на француски, на Германија и на Австрија на германски, а пејачите од Естонија, Србија и Грна Гора, Шведска, Шпанија и Андора - на својот мајчин јазик. Сите други учесници ќе пеат на англиски јазик.