Дневник / 04.08.2004
КОНЦЕРТ ВО АНТИЧКИОТ ТЕАТАР ВО ОХРИД
Гостин на спектакуларната вечер беше мегаѕвездата Тоше Проески, кој со "Синтезис" ги испеа песните "Ој девојче" и "Жена балканска" Светски познатата македонска група што го негува изворниот македонскиот фолклор, "Синтезис", ја крена на нозе цела Македонија со спектакуларниот концерт во Античкиот театар во Охрид, што се одржа токму на најголемиот македонски празник - Илинден. Повеќе од 2.000 љубители на изворната македонска музика се обидуваа да најдат место за седење во преполниот Антички театар, каде што се одржа концертот на кој беше промовирано најновото цд "Де бог да бие", како дел од програмата на "Охридско лето". Тие што немаа среќа да најдат карта се туркаа за место над театарот, од каде што можеа да видат барем дел од концертот. "Синтезис" во понеделникот не свиреа само за тие што беа во Охрид. Благодарение на спонзорите, концертот можеше да го следи речиси цела Македонија на три видеобима лоцирани во Скопје, Битола и во Струмица. Пренос на концертот имаше и преку Интернет. Но, "Синтезис" вистински можат да се почувствуваат само ако се следат во живо. Концертот почна со громогласен аплауз, со кој публиката ги пречека членовите на групата. Уште со исполнувањето на првата песна, "Де бог да бие", беше најавено дека тоа ќе биде спектакуларен концерт. Синтезата на традиционалната музика и на модерниот звук не можеше да остави никого рамнодушен. Тие што ја слушнале музиката на "Синтезис" засекогаш ќе останат заљубени во неа. На завчерашниот концерт имаше и голем број љубопитни туристи дојдени од земји каде што тој музички стил е непознат. Тие беа одушевени од биењето на тапанот, пискотот на зурлите и гласот на трите прекрасни девојки. Атмосферата на концертот се загреа кога "Синтезис" ја отсвиреа нумерата "Ме фатије", која сите заедно ја пееја. За да биде концертот уште поспектакуларен, тука беше и мегаѕвездата Тоше Проески, кој се појави како гостин на вечерта. Тоше и "Синтезис" ги изведоа нумерите "Ој девојче" и "Жена балканска". Озвучувањето за време на концертот беше доволно силно за да го натера секој што поминуваше во близина на театарот од љубопитност да види што се случува. Посебно добро беше осветлувањето, кое го менуваше интензитетот напоредно со јачината на звукот. Тоа беше слабо и дискретно кога музиката беше тивка, но силно и впечатливо кога ечеа зурлите и кога тапаните биеја на цел глас. Публиката со огромен аплауз ги врати членовите на "Синтезис" на бис, кои за крај ја исполнија композицијата "Чешма шарена", што повторно изнуди громогласен аплауз и воздишки од присутните.