Дневник / 28.10.2004
ПРОМОЦИЈА
Мегаѕвездата Тоше Проески вчера во хотелот "Холидеј ин" во Скопје ги промовира двата нови видеозаписа за песните "Крајно време" и "Ој девојче". Спотот за песната "Крајно време" е снимен во црно-бела техника на локации во Словенија, а режисер е Изидор Фариќ. Таа песна Тоше ја пее заедно со словенечката ѕвезда Ања Рупел, која ќе биде специјален гостин на неговиот традиционален хуманитарен концерт во декември. Автор на "Крајно време" е Алеш Рупел, сопругот на Ања, кој за Тоше напишал уште една песна. - Новиот албум "Ден за нас" одлично се продава во Хрватска и во Словенија и се котира на осмото место според продаваноста. Тоше одржа и концерт во Виена и одлично беше примен - изјави Лилјана Петровиќ, менаџерката на Тоше. Спотот за песната "Ој девојче", што Тоше ја пее со групата "Синтезис", е снимка од неговиот концерт на Градскиот стадион во Скопје. Петровиќ најави дека за десетина дена ќе се емитува и видеозаписот за песната "Жена балканска", во продукција на "Кан". Taa информираше дека во "Сони" во Австрија се подготвува ДВД-изданието со концертот на Тоше на Градскиот стадион во Скопје. (Е.Т.)