Дневник / 23.12.2004
"ДНЕВНИК" И "ЛАСТОВИЧКА" ВО ХУМАНА АКЦИЈА
Освен претседателот Бранко Црвенковски, и премиерот Владо Бучковски денеска во галеријата "Ко-ра" ќе купи детски цртежи што ги изработиле учениците од посебните основни училишта "Д-р Златен Сремец" и "Иднина" и Заводот за рехабилитација на деца и младинци "Топанско поле". Со тоа и премиерот се вклучи во хуманата акција на "Дневник" и невладината организација "Ластовичка", чија цел е да се соберат пари за опремување на училишните кабинети во двете училишта и во Центарот за рехабилитација. Како што објавивме, претседателот Црвенковски беше првиот што се одзва на хуманиот повик и денеска во 11 часот ќе купи дел од ликовното творештвото на учениците. Вчера својата хуманост ја потврди и мегаѕвездата Тоше Проески. Тој го посети училиштето "Д-р Златен Сремец" во Скопје и на двесте ученици им подари училиштен прибор, тетратки, моливи и боички. - Моето мото е да им помагам на другите луѓе колку што можам. Навистина сум среќен што денеска се дружев со моите пријатели. Големо задоволство е кога можеш да внесеш радост во нечие срце барем за момент - изјави Тоше. Директорот на училиштето Тонче Трајковски вели: - Многу сме среќни што Тоше не посети и се надеваме дека оваа средба ќе прерасне во традиција. На Тоше му посакуваме многу успех и среќа во новата година - рече Трајковски. (Е.Т.)