Време / 13.01.2005
АКЦИЈА „МАКЕДОНИЈА ЗА НАСТРАДАНИТЕ ОД ЦУНАМИ“
На плоштадот „Македонија“ в сабота од 12 до 24 часот ќе се одржи богата музичка програма за сите возрасти, за да се соберат пари за настраданите од Југоисточна Азија, најавуваат одговорните од акцијата „Македонија за настраданите од цунами“. Од 12 до 13 часот најмладите ќе ги забавува хорот „Златно славејче“. Од 13 до 15.45 часот на плоштадот ќе настапат Мандолинскиот оркестар и Влашки напеви, а со сплет на народни ора ќе настапат културно-уметничките друштва „Скопје“, „Јени Јол“, „Емин Дураку“, „Зуница“ и друштвото за бошњачки песни „Бехар“. Од 20.30 до 23.30 на плоштадот ќе има голем концерт, на кој ќе настапат ексклузивците на М2, Александра Пилева, групата „Фор плеј“, Ламбе Алабаковски, Елена Ристеска, Мартин Вучиќ, Принц, групата „Морал“, Бени Шаќири, Тамара, Роберт Билбиловски и Врчак, Искра Трпева, Ѓорѓи Крстевски, Марјан Стојановски, Маја Саздановска, Фани, Ваљон Сума и Гана. Тоше Проески, Калиопи и Адријан Гаџа в сабота ќе бидат во студиото на МТВ и ќе продаваат парчиња од својата облека по пат на лицитација.
- Тоше нема да пее, но ќе ја лицитира својата облека и ќе собира пари за настраданите продавајќи во куќичките на плоштадот. Наш заеднички став е дека за ваква трагедија не треба да се пее, бидејќи постојат други начини за да се помогне, да се оддели и од својот џеб - вели Лилјана Петровиќ, менаџерка на Тоше Проески.
Сите граѓани на Македонија до недела до 12 часот ќе може да се јавуваат на специјалниот телефонски број 0590 22 330 и со тоа да донираат по 50 денари. А. Џ.