Дневник / 27.01.2005
забава со наЈблиските
Во тивка атмосфера, меѓу петнаесетина најдобри другари и другарки, завчера нашата мега-ѕвезда Тоше Проески го прослави 24-от роденден. Тоше забавата ја организирал во својот стан во кој неодамна се пресели. Гостите и Тоше се забавувале со рок-балади што, како што вели тој, му се најомилени нему и на неговите другари. Најголемото изненадување на Тоше му го приредиле две девојчиња од Скопје, кои на Тоше му подариле книга во која пишувало се за него. - Интересно е што во книгата пишува буквално се за мене. Оставам на девојчињата да решат дали ќе ја отпечатат или не. Драго ми е и што сите колеги ми го честитаа роденденот и добив околу 400 смс-пораки. Се потрудив на сите да им одговорам - изјави Тоше. Роденденската торта со 24 свеќи му ја подарила менаџерката Лилјана Петровиќ, која исто така му подарила и часовник-антиквитет. Нашата најголема ѕвезда денеска ќе настапи на познатиот Дубровнички фестивал во Хрватска, а потоа се враќа во родното Крушево. (Д.Ј.)