Време / 20.07.2005
ВЕЧЕРВА НА А1 И А1-ПЛУС
Промоцијата на петтиот студиски албум „По тебе“ на поп-ѕвездата Тоше Проески, која ќе се случи вечерва, директно ќе се пренесува на А1 и на сателитскиот канал А1-плус. Забавата ќе почне во 20.30 часот во тенискиот клуб на „Александар палас“, а во рамките на промоцијата ќе се одржи и миниконцерт на Проески со бендот „Блу фанки индивидуалс“. - Интересот за новото цеде е огромен. Специјално за Тоше ќе допатуваат телевизиските екипи од загрепската РТЛ, од сараевската АТВ и од белградската РТС - ни откри Љиљана Петровиќ, менаџерката на Тоше. Како специјални гости на промоцијата се поканети претседателот Бранко Црвенковски, премиерот Владо Бучковски, повеќе амбасадори и претставници од УНИЦЕФ, а се уште е неизвесно дали од Загреб ќе допатува познатиот композитор Миро Буљан, кој воедно е и најпродуктивниот автор на новото цеде на Тоше. Во „Палас“ вечерва ќе се промовира и видеоклипот за насловната нумера од албумот, кој Тоше го снимаше во Бугарија. Веќе в петок промотивната журка се префрла во Охрид, а како локација е одбрана приватната плажа на хотелот „Десарет“. Новиот албум на Тоше Проески содржи единаесет песни („По тебе“, „Рани на усните“, „Слушаш ли“, „Полско цвеќе“, „Лошо ти стои“... ) и три бонус-теми: „Лагала нас мала“, „Тхис њорлд“ и „Крање време“. Издавач е „Аворд продукција“. Ѓ. С.