Време / 19.09.2005
ПО СКАНДАЛОТ „СУПЕР ТОШЕ СЕ УСПА“
Тоше не се успа, не беше болен, ниту пак претходната вечер заглави со некоја девојка. Не знам кој што изјавил. Она што го знам е тоа дека нас никој навреме не ни јави за хуманитарниот настан. Мене ми беше кажано во пет до дванаесет, ама јас ништо не ветив бидејќи претходната вечер Тоше беше на службено патување надвор од Македонија. Вака Љиљана Петровиќ, менаџерката на Проески, реагира на написите за завчерашниот скандал во скопскиот дом за деца без родители „11 Октомври“ кога, иако беше најавен, македонскиот пејач број еден не се појави на хуманитарната акција на која се делеа тетратки и смоки „флипс“ со неговиот лик. Оливер Ромевски во име на својата продуцентска куќа „Дел Рио филмс“ и во име на невладината организација „Младински форум“ вчера јавно им се извини на Тоше и на Љиљана, на неформална средба со новинарите во „Холидеј ин“. - Точно е дека Петровиќ не ми го потврди доаѓањето на Тоше, ама и претходно за ваквите хуманитарни настани ја информиравме два дена пред нивното одржување, па Тоше секогаш наоѓаше време за да присуствува на таквите акции. Јавно им се извинувам за мојата изјава. Едноставно сакав да ги заштитам децата и затоа бев принуден да лажам. Прво на зафрканција им кажав дека „суперхеројот“ се успал, па откако увидов дека децата максимално се разочараа, ги излажав дека Тоше има висока температура и дека навистина не може да им дојде на гости - беше објаснувањето на Ромевски. Тој вети дека следниот пат кога Проески ќе го посети Домот ќе донира дополнителни 30.000 денари како надомест за непријатната случка. Ѓ. С. Љиља: Единствен спас ми е „Бардовци“! Следниот хуманитарен концерт што ќе го организирам ќе биде за реновирање на „Бардовци“. Единствено таму вистински ќе се одморам од секојдневните глупости што се пишуваат во медиумите, револтирано ни изјави Љиљана Петровиќ. Менаџерката на Тоше не можеше да го скрие разочарувањето од злобата на некои луѓе што без никаква причина постојано плукаат по нејзиниот ексклузивец. Тоше, пак, не сакаше многу да ги коментира настаните. - Страшно е да го кажам ова, ама, искрено, при секое слетување на скопскиот аеродром ме фаќа паника од она што ме чека во сопствената земја - накусо ни изјави тој.