Време / 14.01.2005
„МАКЕДОНИЈА ЗА НАСТРАДАНИТЕ ОД ЦУНАМИ“
Евровизискиот костум од бела кожа на Тоше Проески ќе биде дел од неговата гардероба што ќе се најде на лицитацијата в сабота, во студиото на МРТВ. Тој ќе ги понуди и црвениот кожен костум од спотот за песната „Ангел си ти“ и гардеробата што ја носи на фотографиите од обвивката на последниот албум. Парите од лицитацијата ќе бидат наменети како помош за Азија, а како дел од големата акција „Македонија за настраданите од цунами“. Пејачката Цветанка Ласкова ќе понуди уникатни модели што ги носела на некои од фестивалите на кои учествувала. Таа ќе го изложи фустанот што го носела на фестивалот во Опатија во 1986 година, кога ја пеела песната „Момчето со мандолина“. На лицитација ќе ја даде и белата тоалета што ја носела на нејзиниот прв настап на Валандово фолк-фест, а по која, како што вели, публиката најмногу ја препознава. - Идејата за лицитирање облека е моја и на Тоше Проески. Решивме да лицитираме уникатни костуми бидејќи со тоа ќе го привлечеме вниманието на народот. Директната програма, според првичните најави, треба да биде од 16 до 20 часот на МРТВ, оваа сабота - вели пејачката Цветанка Ласкова. За да се соберат повеќе пари за настраданите во Азија, своја облека треба да лицитираат и Адријан Гаџа и Калиопи. А. Џ.