Време / 30.03.2005
ПОЧНУВААТ „ДЕНОВИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА МУЗИКА“
Со концертот на Македонската филхармонија и на Симон Трпчески вечерва, со почеток во 20 часот, во Универзалната сала ќе биде отворено 29. издание на фестивалот „Денови на македонската музика“. Фестивалот за отворен ќе го прогласи претседателот Бранко Црвенковски. На програмата се финалето од балетот „Охридската робинка Ташула“ од Стојан Стојков, „Македонско оро“ од Тодор Скаловски, „Рапсодија во сино“ од Џорџ Гершвин, „Прелудиум“ и „Пајдушка“ од Живоин Глишиќ и Концертот за пијано и оркестар од Димитрије Бужаровски. Во изведбата на вториот став од концертот на Бужаровски, на Симон Трпчески ќе му се придружат и Ана Дурловски, Весна Гиновска-Илкова, Тоше Проески и Игор Дурловски. Со оркестарот на Македонската филхармонија ќе диригира Саша Николовски-Ѓумар. Со овој концерт Трпчески ќе го одбележи и својот јубилеј - 10 години од неговиот прв настап со симфониски оркестар. Фестивалот „Денови на македонската музика“ ќе трае до 8 април и бројно ќе ги надмине досегашните изданија. Во рамките на планираните десет фестивалски дена ќе бидат изведени повеќе од 80 домашни и 14 странски композиции. Повеќе од 40 композиции ќе ја доживеат својата прва изведба. Годинава на фестивалот ќе има концерт на македонска изворна музика за ќемане, вечер на балади и шансони, детска музичко-сценска претстава, концерт на млади таленти, на млади композитори, балетско-сценски перформанс... Програмата ќе ја изведуваат македонските солисти и ансамбли како „Алеа“, квартетот тромбони на Македонската опера, Битолскиот камерен оркестар, биг-бендот на ФМУ, Камерниот оркестар на СОКОМ... На „Денови...“ ќе гостуваат виолинистот Питер Шепард и пијанистот Арон Шор од Англија, дувачкото трио на Словенечката филхармонија, дуо „Пластик“ од Полска и камерниот оркестар „Ателас синфониета“ од Данска. Фестивалот ќе го затвори ансамблот „Танец“ со етнокореодрамата „За здравје и бериќет“, инспирирана од обредите и вечната борба меѓу доброто и злото. Концертната програма ќе се одвива на стандардните локации - Музеј на град Скопје, мала и голема сцена на Македонската опера, Факултет за музичка уметност и Домот на АРМ. А. Д.