А1 / 21.03.2005
Организаторите на Деновите на македонска музика и новиот селектор Сони Петровски ја објавија комплетната програма за 29-тото издание на манифестацијата. На 30 март во Универзална, фестивалот го отвара концертот на Симон Трпчески, кој ќе настапи заедно со македонската филхармонија. Тој ќе го изведе новото дело од Димитрије Бужаровски, во кое вокалниот дел го изведуваат пејачите Ана и Игор Дурловски, Весна Гиновска и Тоше Проески. Трпчески пред неколку дена се врати од Англија и од САД, каде имал успешни настапи. Концертот во Универзална ќе го посвети на композиторот Томислав Зографски и ќе ја одбележи 10-годишнината од неговиот концерт со оркестар. „Од 2001 до денеска јас веќе концертирам по светот и дури во 2005 Сојузот на композитори на Македонија се сети да ме покани официјално да настапам за оваа манифестација“, изјави Симон Трпчески, На Деновите на македонска музика до 8 април ќе настапат 40 солисти, 4 странски и 17 домашни ансамбли, со дела од сите музички жанрови. Покрај официјалната, најавена е и офф програма, а ќе се одржи и етномузиколошка конференција и трибина. За затварањето на фестивалот, „Танец“ заедно со актерите Шенка Колозова и Ванчо Петрушевски ќе ја изведат претставата „За здравје и бериќет“. „Всушност станува збор за една етстетска елаборација на борбата на силите на доброто и злото видени во фолклорот на македонскиот народ“, рече Сашо Миленкоски режисер. Деновите на македонска музика ќе ги отвори претседателот Бранко Црвенковски.