Дневник / 17.12.2002
МУШТЕРИИТЕ ИЗНЕНАДЕНИ ОД НЕКВАЛИТЕТОТ НА ОРИГИНАЛНИТЕ ДИСКОВИ
Секое неисправно цеде на популарниот пејач без проблем може да се замени во музичките продавници Неисправни компакт-дискови од новиот албум на Тоше Проески, "Ако ме погледнеш во очи", се продаваат во повеќе музички продавници во земјава, тврдат сопствениците и купувачите. Менаџерката на Тоше, Љиљана Петровиќ, и Антонио Димитриевски, веќе сменетиот в.д директор на Продукцијата на МРТ, инаку потписници на изданието, велат дека "грешката не е во компакт-дисковите, туку во застарените цеде-плеери на потрошувачите". Од друга страна, купувачите се задоволни што продавачите без проблем им ги заменуваат неисправните компакт-дискови се додека да се погоди некој "исправен". - Внука ми, која е страсна обожавателка на Тоше, пет пати купуваше неисправни цедиња од "Југотон". Најмногу ме иритира што се креваше толку врева да купуваме само оригинали, а тие се продаваат неисправни. На крајот купивме пиратско цеде и немаме проблем. Не знам кој е виновен за неисправните компакт-дискови, но жално е што излегува како некој да сака да му прави сопка на нашиот најпопуларен пејач - вели Мира Јовановска од Скопје. Менаџерката Петровиќ објасни дека печатењето на компакт-дисковите е направено со многу софистицирана технологија, со ласерски печатач, во фабрика со која соработува белградската издавачка куќа "БК саунд". - Продукцијата на МРТ има договор да ги печати музичките изданија во "Сони", Австрија, но бидејќи ова беше специјален проект во тираж од само 5. 000 примероци за македонскиот пазар, решивме да го печатиме преку белградската издавачка куќа "БК саунд", која отпечати уште 20.000 компакт-дискови од новиот албум на Тоше - објасни Димитриевски. Марко Кречковиќ, пак, еден од одговорните на "БК саунд", веќе неколку дена е недостапен на неговиот мобилен телефон. Дарко Николовски, еден од сопствениците на "Југотон", вели дека досега не се случило да биде вратен оригинален компакт-диск од некој друг изведувач. Новиот албум "Ако ме погледнеш во очи" во продавниците чини 600 денари, а пиратски дискови, на кои досега никој не се пожалил, чинат само 150 денари. Марија Димовска