Дневник / 20.02.2004
„ЗЛАТНА БУБА МАРА НА ПОПУЛАРНОСТА“
Публиката се насладуваше со песните на најпопуларните музички ѕвезди - Дадо Топиќ, Аки и Масимо Савиќ и на македонската музичка елита Во преполната Универзална сала во Скопје завчера, по седми пат, се одржа манифестацијата "Златна буба мара на популарноста 2003", на која беа поделени 25 статуетки. Манифестацијата традиционално ја организира скопското радио "Буба мара". Под "диригентска палка" на Тони Михајловски, трите часа беа исполнети со смеа, музика и со убаво расположение. "Журката" почна со настапот на првите виолини Коки и Зоки Џорлев, кои изведоа сплет песни и ора и ја наелектризираа атмосферата. Публиката можеше да се насладува со звуците испеани и изведени од најпопуларните музички ѕвезди. Некои од нив беа специјално дојдени од Белград и од Загреб токму за оваа манифестација. По многу години, на сцената на Универзалната сала запеа Дадо Топиќ. "Облечен" во македонското државно знаме, придружуван од шест млади луѓе што вееја наши знамиња, Дадо со Аки од групата "Парни валјак" ја испеаја познатата песна "Македонија". Токму за таа песна академијата на "Буба мара" му додели специјална награда. Дадо Топиќ на Бени од групата "Нон стоп" му додели "Златна буба мара" за најдобар бенд во 2003. Атмосферата кулминира кога на сцената се појави Тоше Проески. Популарниот пејач на "Парни валјак", Аки, на Тоше му ја додели наградата "Златна буба мара" за пејач на годината. Тоше и Аки на публиката и приредија вистински "огномет" од звуци пеејќи ја заедно "Есен во мене". Манифестацијата беше искористена и за "смирување на духовите" меѓу "Мобимак" и Тоше, т.е. "Космофон". Националниот мобилен оператор "Мобимак" му подари на Тоше амајлија - крст донесен од светата земја Израел, за среќен настап на Евровизија. И тоа не беше се. Од Загреб "долета" познатиот хрватски пејач Масимо Савиќ, кој скопјани ги потсети како звучи "Странец во ноќта". Според академијата, наградите "Златна буба мара" за спот на годината, за концерт, за албум и за пејачка за 2003 ги освои Каролина Гочева. Четирите статуетки и ги врачи Масимо Савиќ. Каролина ја запеа "Љубовта е моја религија", а на рефренот од зад сцена се појави Владо Јаневски, кој таа вечер беше прогласен за најдобар текстописец за 2003. Каролина предизвика големо љубопитство кај публиката бидејќи беше придружувана од Михајло Ражнатовиќ - Аркан Јуниор. Под "висок притисок" забавата продолжи и беа доделени уште многу "бубачки". За најдобри во актерството беа прогласени Ѕвездана Ангеловска и Игор Стојчевски, а "Глумците пеат" доби специјална награда за најдобра театарска манифестација. И кога се чинеше дека е време за крај, на сцената се појави Тамара Тодевска, која испеа дел од најпознатите рефрени напишани од Димитар Масевски, кому академијата му ја додели наградата за животно дело. Телевизиската снимка од манифестацијата ќе биде емитувана денеска на скопската телевизија "Канал 5". (Д.Ј.)