Дневник / 21.11.2002
ПОРАДИ ТЕХНИЧКИ ПРОБЛЕМИ
Тоше Проески вчера не се сретна со своите обожаватели што пристигнаа на закажаната средба во музичките продавници Југотон и Цеде-шоп Аба за да го купат неговото најново цеде, "Ако ме погледнеш во очи", и да се потпише на секој купен примерок, како што беше најавено. Причина за тоа се проблемите што настанале при пакувањето на цедињата. - Пристигнатиот тираж на цедиња има диск со македонски песни, но обвивка што е наменета за српскиот пазар. Тиражот веднаш го вративме назад и очекуваме истиот да пристигне деновиве, со обвивка наменета за македонскиот пазар - појасни Антонио Димитриевски в.д. директор на Музичката и касетна продукција на МРТ, која е издавач на албумот за македонски пазар. Тој најави дека најверојатно цедињата во продажба ќе се појават заедно со касетите, кои ќе бидат готови во понеделник. (С.А.Н.)