Дневник / 04.11.2003
ПОП-КРАЛОТ СЕ ВРАТИ ДОМА
Популарниот пејач Тоше Проески доби сертификат за пеење на англиски јазик од познатиот учител на пејачи од неанглиско говорно подрачје, Вилијам Рајли, со што вратите на дискографските куќи во САД веќе му се отворени. Тоше веќе добил три понуди да сними албум и да настапува на концерти на познати ѕвезди како гостин. - Една од понудите е да сними албум со песни од композиторот Ендрју Фром, кој сега работи на кариерата на популарниот поп-пејач Марк Антони. Другите две понуди се од дискографските компании "Универзал" и "Сони", со кои преговорите се во тек - вели Љиљана Петровиќ, менаџерката на Тоше. Сертификатот на Рајли го добиле и Селин Дион и Лучијано Павароти, а е важен за пробив на американскиот музички пазар. По педесет дена престој во САД, Канада, Велика Британија, Германија, Швајцарија и во Австрија и одржани 11 концерти Тоше Проески завчеравечер се врати дома. По вчерашната прошетка по скопските кафулиња, денеска Тоше веќе е дома и се одмора во своето родно Крушево. - Премногу сум уморен и во следните десет дена не планирам да излезам од дома - изјави тој за "Дневник". За време на својот престој во Минхен, во студиото "Матрикс", Тоше снимил четири песни што ќе се најдат на неговиот нов албум што се планира да излезе во февруари в година. По одморот Тоше го очекуваат концертот за УНИЦЕФ во Босна и Херцеговина, ревијалниот настап на фестивалот во Бања Лука, како и домашниот избор за песна што ќе ја пее на претквалификацискиот настап за Евросонг 2004, кој на 12 мај ќе се одржи во Истанбул. Според менаџерката на Тоше, на новиот албум може да се најдат и некои од песните што стигнале на конкурсот. - Со сите национални телевизии што учествуваат на Евросонгот се договоривме Тоше да се претстави со песните што ги сними во Шпанија на англиски јазик. На тој начин сакаме да го прикажеме Тоше како претставник на Македонија за Евровизија за да може тамошната публика да го запознае - вели таа. Тоше престојувал и во Њујорк и во Лондон, каде што се претставил пред тамошните музички менаџери, а веќе се прават договори и за снимање спотови. Тој одржал и неколку хуманитарни концерти пред иселениците во Канада, а настапил и во Цирих и во Виена. (Д.Ј.)